Скандал во МВР: Вработен присвоил над 60.000 денари


Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Дебар поднесе кривична пријава против Љ. З. вработен во Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи во Охрид, Сектор за оружје, експлозивни и опасни материи при Одделот за граѓански работи, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба по член 353 од Кривичниот законик во врска со член 9 став 5 од Законот за оружјето и член 6 и член 7 од Законот за административните такси во МВР.

Пријавениот Љ. З., во својство на одговорно лице, во периодот од 1.1.2022 до 5.8.2024 од барателите на рака ги земал парите што требало да ги платат на жиро-сметката на Министерството за внатрешни работи за административни такси, со цел да им врши услуга, односно во нивно име тој да изврши уплата за административни такси.

Но, наместо тоа, парите тој противправно ги присвоил и со тоа за себе прибавил имотна корист и му нанел штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи во износ од 60.950 денари.

Во наведениот период за вкупно 179 примени барања нема потврда за платени административни такси. Поради потешко кршење на работниот ред и дисциплината, Одделот за внатрешна контрола против Љ. З. ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до донесување решение во дисциплинската постапка.

04.09.2024 - 20:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега