Советот на јавни обвинители не може да го разреши Иџет Мемети, ниту може да му забрани да учествува на седниците

 

Советот на јавни обвинители нема законска можност да го разреши заменик претседателот и член на ова тело, Иџет Мемети, иако тој е второосомничен во случајот со земање на 10 илјади евра, каде првоосомничен пак е врховниот судија, Наке Георгиев.

Според членовите, Мемети за времетраењето на истрагата не би требало да учествува во работата и одлуките на Советот. Тие образложија дека немаат законски можности за негово разрешување.

Членот Кети Петкова образложи дека Законот за Совет на јавни обвинители не предвидува можност отстранување од работното место додека трае кривичната постапка.

-Од тој аспект на нас како Совет ни се врзани рацете да можеме како било да го тргнеме влијанието на членот. Иако немаме законска можност, да постапиме со таа одредба што би била најлогична, не смееме да останеме неми и да не ги кажеме детектираните слабости по постапувањето по овој предмет, рече таа.

Според неа, отворената кривична постапка и извршениот претрес во Советот, задираат директно на интегритетот на Советот како институција и на нив како членови. Светлана Жупановска, член на СЈОРМ, посочи дека е оставено на доблеста на Мемети, да одлучи дали ќе учествува во неговата работа.

Членот Антонио Јолевски, се согласи со неговите колешки и му препорача на Мемети да не учествува во работата на Советот.

– Оставаме на совеста, на моралот на членот на советот дали би учествувал. Би препорачал, особено кај избори и разрешување, да не учествува бидејќи токму во тие ситуации ќе се доведе во прашање кредибилитетот, дека во тие избори учествувал член на Советот за кој се води постапка во надлежното обвинителство, образложи Јолевски.

Претседателката на Советот, Душица Димитриеска, во изјава за медиуми по расправата, истакна дека Советот ќе го следи текот на кривичната постапка и согласно исходот од неа ќе постапи според законот.

Таа појасни дека постапката за разрешување е предвидена, меѓутоа во овој случај е невозможна.

–Постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа, таа постапка треба да отпочне со образложено барање кое треба да биде поднесено од најмалку 20 јавни обвинители и една третина од членови на Совеот, ова барање треба да е поткрепено со докази, во конкретниов случај тоа не може да се донесе, рече таа.

Дополни дека Советот не може да му забрани на Мемети да присуствува на седниците.

–Тоа може да се случи доколку има таква одлука од суд, рече таа.

Претходно, на почетокот на денешната седница, Димитриеска информираше дека Мемети ја информирал дека нема да присуствува на денешната седница и дека размислува да се повлече од функцијата заменик претседател на Советот.

Двајцата осомничени се дел од истрагата што ја отвори ОЈО ГОКК и се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“. Истрагата е отворена по акцијата на МВР која следува по претходна пријава од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојков обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

29.05.2024 - 20:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега