Средба Гаши - Спиропали: Македонија и Албанија заеднички кон ЕУ - Фокус на инфраструктурата и економијата


Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во законодавниот дом оствари средба со претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава.

Гаши и Спиропали одржаа заедничка прес-конференција, но за изјавата на Спиропали немаше обезбедено соодветен превод.

Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

– На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата, рече Гаши.

Како приоритети на двете земји од заемен интерес, додаде, се поефикасно користење на ЕУ фондовите и заедничко учество во нови проекти во рамки на ИПА фондовите, истакнувајќи ја потребата од продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на двете земји.

– Мора да се продолжи и со изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII, а сé со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал, рече Гаши.

23.09.2024 - 13:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега