Српскиот премиер ќе поднесе оставка, се очекува вонредна прес-конференција
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска ќе поднесе оставка, јави Танјуг. Вучевиќ во 11 часот ќе одржи вонредна прес-конференција во Владата на Србија.
Инаку, во 10 часот заврши 24-часовната блокада на еден од клучните сообраќајни централи во Белград, во која учествуваа десетици илјади студенти и граѓани, продолжувајќи ги протестите кои траат ширум Србија речиси три месеци, од несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Државниот врв на Србија вчера најави реконструкција на владата и помилување на уапсените учесници во тримесечните протести, тврдејќи дека се исполнети барањата на студентите, чиј бунт добива се поголема поддршка ширум Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во екот на студентската блокада во сообраќајот во Белград, изјави дека ќе ги исполни сите нивни барања и ќе ги помилува уапсените за време на досегашните протести, а истовремено најави и реконструкција на владата. Студентите одговорија дека нивните барања не се исполнети и дека продолжуваат со блокадите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа