Стејт департмент: Ескобар доаѓа во регионот за да го поддржи дијалогот помеѓу Белград и Приштина

 

САД целосно го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина со помош на Европската унија, а специјалниот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар патува во регионот за да го поддржи тој процес, соопштија денеска за „Танјуг“ од Стејт департментот.

Како што претходно најавија од Претседателството на Србија, Ескобар утре во Белград ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Приштинските медиуми јавија дека американскиот дипломат по Белград ќе ја посети Приштина.

Медиумите јавуваат и дека американскиот емисар ќе престојува и во Охрид, каде се очекува средба меѓу Вучиќ и косовскиот премиер, Албнин Курти за да се постигне договор за спроведување на европскиот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Посетата на Ескобар доаѓа еден ден по официјалната посета на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак во Белград. Toj претходно престојуваше во Приштина. По посетата во двете земји, специјалниот пратеник рече дека мора да се формира Заедницата на српски општини во Косово и без тоа не може да има договор.

Премиерот на Косово, Албин Курти, претходно денес изјави дека е оптимист за претстојната средба во Охрид и очекува да се постигне договор меѓу Белград и Приштина.

14.03.2023 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега