Студија: Што му прави коронавирусот на мозокот?

 

Луѓето кои се опоравуваат од последиците од коронавирус можат да претрпат сериозно оштетување на мозочните функции, а во најлоши случаи може да се појави штета еквивалентна на нагло стареење на мозокот за десет години, предупредија денеска истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон

Студијата сè уште не минала рецензија и е спроведена на 84.285 опоравени лица од Ковид-19, пренесува Танјуг.

Истражувачкиот тим е предводен од Адам Хемпшир, кој рече дека во некои тешки случаи, Ковид 19 предизвикува сериозни когнитивни дефицити во текот на неколку месеци.

– Нашите анализи се совпаѓаат со претходно утврдени факти дека има хронични когнитивни последици како резултат на коронавирусот. Луѓето кои се опоравиле, дури и оние кои веќе не пријавуваат дека имаат проблеми, покажаа значителен когнитивен дефицит, рече тој.

Тестовите за утврдување на можна штета се идентични со оние што се користат за Алцхајмерова болест, така што пациентите кои се опоравуваат од коронавирус одгатнуваат загатки или се обидуваат да ги поврзат точките користејќи логика.

Во извештајот на колеџот се наведува дека некои пациенти на возраст меѓу 20 и 70 години, кои имале тешки симптоми, развиле оштетување на мозокот како мозокот да им остарел десет години, без да се прецизира процентот на луѓе на кои тоа им се случило.

Неврологот Џоана Вардлоу, професорка на Универзитетот во Единбург, рече дека засега ќе ги прими резултатите од студијата со доза на резерва.

– Не ги знаевме когнитивните функции на учесниците во студијата пред да добијат коронавирус, а резултатите не мора да значат дека штетата е трајна. Ова значи дека „стареењето” на мозокот можно е да трае кратко, односно мозокот да се врати во нормална состојба по некое време, рече Вардлоу.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.10.2020 - 20:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега