Свето масло за крунисувањето на кралот Чарлс осветено во Ерусалим
Светото масло што ќе се користи за помазание на кралот Чарлс Трети на неговото крунисување во мај е осветено во Ерусалим, што ги одразува врските на британскиот монарх со Светата земја, соопшти Бакингемската палата.
Неговото блаженство Теофил III, грчкиот православен патријарх на Ерусалим и англиканскиот надбискуп на градот Хосам Наум го благословија маслото во црквата на Светиот гроб, се додава во соопштението.
Маслото ќе се користи за помазување на кралот Чарлс и кралицата Консорт Камила за време на церемонијата на крунисување во Вестминстерската опатија во Лондон на 6 мај.
Традиционално, маслото се истура од ампула на крунисувачката лажица, а потоа со неа се помазуваат рацете, градите и главата на владетелот.
Осветеното масло е направено од маслинки собрани од две насади на Елеонската Гора, источно од Ерусалим, во близина на манастирот Свето Вознесение и манастирот Марија Магдалена, каде што е погребана бабата на Чарлс, принцезата Алиса од Грција.
Надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, кој ќе ја води службата, рече дека неговата желба е маслото да биде од Маслиновата Гора.
„Ова ја покажува длабоката историска врска меѓу крунисувањето, Библијата и Светата земја. Од античките кралеви до денес, монарсите се помазани со масло од ова свето место“, рече Велби, духовниот поглавар на Англиската црква.
Маслото, ароматизирано со сусам, роза, јасмин, цимет и цвет од портокал, има ист состав како маслото користено за крунисувањето на покојната кралица Елизабета пред 70 години, а таа формула се користи стотици години, се вели во соопштението од Палатата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа