Таравари: Гарантираме 800 евра минимална плата
Претседателскиот кандидат на ВЛЕН, Арбен Таравари на денешната прес-конференција рече дека на овие избори има целосно единство на албанската опозиција и тоа гарантира победа, бидејќи на сите избори мнозинството гласови ги имала опозицијата.
„Претседателските избори се одржуваат во среда на 24 април, бројот 6 е број на промената која вреди. Каде и да одиме во кампањата, а сме отишле низ цела држава, гледаме дека најголем проблем е сиромаштијата, поскапувањето, невработеноста или ниските плати. Условите за живот станаа потешки. Ова го предизвикува и другиот многу голем проблем што го имаме. Емиграцијата на младите. Младите заминуваат токму затоа што платите се мали и тешко се наоѓа добра работа“, изјави Таравари.
Според него, економијата и иселувањето бараат одговори.
„Затоа, ние како коалиција ВЛЕН, во владата, мора да гарантираме и ќе гарантираме зголемување на минималната плата до 800 евра. Ја објавивме и дискутиравме за нашата претседателска програма, а на почетокот на следната недела ќе ја објавиме и програмата за парламентарните избори. Таа е единствената програма што вреди. Но, уште еднаш повторувам, за да дојде до промена, секој човек мора да биде посветен. Затоа што секој глас е важен. И го повикуваме секој гласач да излезе на денот на гласањето, за да ја гарантираме победата на промените“, изјави Таравари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа