Тажна вест: Почина познат народен лекар во Македонија
Си замина ненадејно еден од последните народни добри доктори Иван Соколов. Го издаде срцето од што ги лечеше своите пациенти. Или, како што рече еден од неговите блиски пријатели, му отчука големото срце во кое имаше место за сите маки, болки и страдања на неговите пациенти и пријатели.
На градските гробишта во Скопје денес го испратија на последното патување неговите најблиски и многубројни другари, пријатели, колеги и пациенти што д-р Ване Соколов ги лечеше не само со лекови, туку со многу корисни совети и со силна верба за успешно излекување. Беше од оние „стари“ мудри екими кои стрпливо и внимателно ќе го ислушаат пациентот за неговите болки и страхувања, а потоа следуваше прецизната дијагноза со јасно и разбирливо искажани зборови како да се прифати болеста и со неа да се живее и најчесто да се победи. Со својата скромност, сугестивност, знаење и искуство д-р Соколов припаѓаше на оние лекари кои не беше со тесна специјалност, само кардиолог, туку и интернист, психијатар, нутриционист, физиотерапевт и најмногу од се, личен пример на личност што води здрав живот и умерен во се. Ни трунка од суета, по прегледот, или по проучените анализи веднаш препорачуваше кај кој колега доктор, или во која болница треба да се извршат дополнителни прегледи, или натамошно лечење. Хипокондерите меѓу нас веднаш ги откриваше и со голема внимателност и сугестивност ги утешуваше дека не им е ништо, само мал стрес и непотребен страв.
Д-р Соколов, нашиот Ване, останува во нашите сеќавања како чесен човек со широки познавања во многу области, извонреден другар и собеседник, со една вродена родителска благост и извонредна смисла за хумор често и на своја сметка.
Еве што ќе напише за него неговиот сограѓанин, колега и близок другар д-р Илија Џонов:
„Доктор Иван Соколов, кардиолог, интернист во пензија, поголемиот работен стаж го помина Кардиолошката клиника при Медицинскиот факултет во Скопје. Роден е во Штип (1942), каде што завршува гимназија, а медицински факултет во Скопје. Специјализацијата по интерна медицина и кардиологија завршува на истиот факултет и по краток престој на Токсиколошката клиника се вработува на Кардиолошката клиника каде работи до неговото пензионирање. На истата клиника се бави со дијагностика и лекување на болните и како таков стекна голема репутација на дијагностичар и терапевт применувајки најсовремени третмани кај неговите пациенти.
Таа репутација го следи до крајот на неговиот живот иако не се бавеше со приватна дејност после неговото пензионирање, но не ги одбиваше своите пациенти при барањето на совети од нивна страна.Остана доследен на Хипократовата заклетва да помага на болниот во секоја ситуација без разлика дали е во активна професионална дејност, или веќе надвор од неа.Како таков кај сите нас останува како многу почитуван.Тоа произлегува и од неговиот карактер,секогаш пристапен ,услужлив пред се како резултат на неговата љубов према професијата и луѓето.
Како лекар ги следеше сите актуелности од областа на кардиологијата,беше често присутен на меѓународните симпозиуми со своите стручни трудови од истата област,а еден период присуствуваше четири години на пракса во Либија како стручна помош на тогашното либиско здраство.
Доктор Соколов си замина во вечноста, но остави неизбришливи спомени кај пациентите со неговата професионална дејност. Македонската медицина изгуби искусен доајен во кардиологијата,а ние пријателите ќе ги сочуваме спомените да остане секогаш со нас.
Нека му е вечна слава, пренесува nezavisen.mk.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа