Телефонски разговор Муцунски-Саар: Договорот за прекин на огнот во Газа е чекор напред
Тимчо Муцунски на својот Фејсбук профил објави дека имал телефонски разговор со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар.
- Утрово остварив телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Државата Израел, Гидеон Саар. Упатив честитки за неговиот избор на функцијата министер за надворешни работи, изразувајќи желба за успешна соработка во иднина и истакнувајќи дека неговото водство доаѓа во предизвикувачки период за Израел. Воедно, го поздравив неодамнешниот договор за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа, кој го нагласив како значаен хуманитарен чекор напред и можност за воспоставување траен мир во регионот, напиша Муцунски на Фејсбук.
Разговарале и за потенцијалот за продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка, за можностите за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура.
- Нагласувајќи дека сеќавањето и почитта кон еврејската заедница и наследството се од исклучителна важност го информирав министерот Саар за денешното одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, додаде тој.
27.01.2025 - 10:37
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа