Телма: Во нападот во Чаршијата е убиен Кривањева врз чие друштво пред 4 години беше пукано во Александар Палас
Телма пренесува дека двајцата убиени во нападот во бар во Старата скопска Чаршија се Јетон Кривањева и Енес Исени. Двајцата им подлегнале на повредите на местото на злосторството. Неколку вооружени лица пришле на жртвите и почнале да пукаат во нив по што избегале вечерва околу 20:11 часот.
Во нападот е рането уште едно лице кое било во друштво на убиените.
Кривањева според повеќе медиуми на албански јазик од Македонија беше дел и од групата која беше цел на вооружен напад во скопскиот хотел Александар Палас во 2019-та година.
Тогаш маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа и Камер Идризи и Јетон Кривањева. Поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите кои се од скопско Грчец. Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а немаше сериозно повредени.
Во 2021-ва во Бутел беше убиен Камер Идризи додека се движел со автомобил, а во него било пукано од друго возило во движење. Тоа убиство не е расветлено.
Денеска пак е убиен Кривањева, а настрада и Исени кој бил во негова придружба во угостителски објект. МВР засега не дава информации дали имало и други гости во локалот каде се случил оружениот напад.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа