Терористот од Виена нападот им го најавил на своите пријатели

Главниот осомничен за планирање на нападот на концертот на Тејлор Свифт во Виена чиишто родители се од Македонија, имал намера со својот автомобил да влета во толпа обожаватели со цел да убие што повеќе луѓе, покажале резултатите од истрагата, пишува германската агенција „ДПА“.

Деветнаесетгодишниот маж планирал да употреби експлозивна направа и ладно оружје во нападот пред стадионот Ернст Хапел, каде што требаше да настапи американската суперѕвезда, соопштија истражителите.

Според полицијата, осомничениот во целост ја признал вината.

Трите концерти на Свифт во Виена беа откажани поради безбедносни причини, разочарајќи десетици илјади фанови.

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер вчера изјави дека е уапсен и 18-годишен маж од Ирак, кој се заколнал на верност на терористичката група Исламска држава. Министерот додаде дека 18-годишникот патувал со главниот осомничен, но не бил директно вклучен во планирањето на нападот. Двајцата млади луѓе случајно се познавале, изјавија официјални лица.

19-годишникот беше уапсен во средата, заедно со уште еден осомничен, неговиот 17-годишен пријател кој работел како градител на сцена и скеле на концертното место.

Против осомничените се води истрага за членство во терористичка и криминална организација. Тие се обвинети дека се поврзани со Исламската држава и дека ги усвоиле нејзините цели и намери, изјави портпаролката на јавното обвинителство за австриската новинска агенција АПА.

Главниот осомничен им навестил на двајца пријатели дека има намера да изврши терористички напад, објави во петокот АПА. Кога ја напуштил работата во хемиска компанија, спомнал дека има „големи планови“ и наводно ги украл хемикалиите потребни за правење бомба од неговиот поранешен работодавец.

Инспекторите соопштија дека младиот човек покажувал знаци на психолошка нестабилност.

Илјадници обожаватели на Свифт се собраа во Виена за да ги пеат песните на американската мегаѕвезда и да се фотографираат. Некои места им нудеа бесплатни пијалоци на обожавателите како утеха за откажаните концерти.

Трите планирани концерти во Виена се распродадоа многу брзо во летото 2023. На концертите се очекуваше да присуствуваат околу 170.000 луѓе, а многу од нив веќе беа во градот кога организаторот ги откажа настапите. Самата Свифт се уште не ги коментирала настаните.

Нејзиниот следен настап ќе биде на стадионот „Вембли“ во Лондон и веројатно сега ќе привлече големо внимание, особено по неодамнешните немири во Велика Британија кои избија по убиството на три девојчиња на часови по танц.

10.08.2024 - 10:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега