Трамп: Ќе го поканам Зеленски назад во Белата куќа, наскоро состанок и со Русите

 

Американскиот претседател Доналд Трамп ја коментираше одлуката на Украина да го прифати предложениот 30-дневен прекин на огнот, потврдувајќи дека ќе го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски назад во Белата куќа.

 

„Сакаме да ставиме крај на војната во Украина“, рече Трамп.

Тој најави и дека американската делегација ќе се сретне со руската подоцна денеска или утре, како дел од понатамошните напори за постигнување договор.

Последната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, одржана на 28 февруари, ненадејно заврши по жестока расправија.

Состанокот, првично планиран за потпишување договор за минерали од ретки земји, се претвори во вербален судир кога Трамп го обвини Зеленски за „коцкање со Третата светска војна“ затоа што одбил да направи компромис со Русија. По инцидентот, Трамп ја прекина средбата и ја откажа планираната прес-конференција, додека Зеленски ја напушти Белата куќа без да постигне договор.

Соединетите држави и Украина, претходно, издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина. Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе. 

Државниот секретар на САД, Марко Рубио рече дека сега топката е на страната на Русија и изрази надеж дека ќе го прифати предлогот за прекин на огнот.

Претседателите на Украина и на САД постигнале договор и што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на клучните минерални суровини на Украина. Целта на договорот, како што беше наведено, е да се прошири украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочен просперитет и безбедност на Украина.

11.03.2025 - 20:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега