Трипуновски: 500 хектари државно земјоделско земјиште е распределено на прилепските земјоделци
Околу 500 хектари државно земјоделско земјиште денеска официјално им беше распределено на прилепските земјоделци. Тие склучија 192 договори кои во новите простории на подрачната единица на министерството за земјоделство им ги врачи ресорниот министер, Цветан Трипуновски. Ова земјиште се распределува по последниот јавен повик од јануари годинава.
Тој информираше дека интересот да се стави во функција државното земјоделско земјиште е голем, затоа што со последните пет јавни повици лани и годинава се распределени околу 6 000 хектари во целата земја и се склучени 2 100 договори со македонските земјоделци.
-Ставањето во функција на сето слободно земјоделско земјиште е во насока да ја зголемиме продукцијата на земјоделското производство. Нормално дека овие 6000 хектари кои се ставени во функција и кои претходно не биле обработувани ќе придонесат во вкупното земјоделско производство. Меѓутоа ние тука не застануваме. Продолжуваме наредниов период да имаме посериозни огласи кои ќе ги објави Министерството со веќе подготвени слободни земјоделски површини, изјави Трипуновски.
Дополни дека министерството последните месеци спровело контроли за претходната распределба на земјиштето. При случаи на злоупотреба, како што рече, се одзема и се прераспределува.
-Најдовме злоупотреби, договорите се раскинати, земјиштето е ослободено. Изминативе месеци се работеше на ослободување од корисничкото право и веќе наредниов период ќе може и тоа земјиште да го ставиме во функција. Ќе им дадеме предност на сточарите за развивање на сточарското производство, рече Трипуновски.
Земјоделците од Прилепско главно површините ќе ги засадат со тутун и сметаат дека е најисплатливо. Што се однесува до производството на пченицата, на прагот на жетвата, според Трипуновски родот е добар, но сѐ уште не е одредена цената на лебното зрно.
-Според податоците, имаме околу 70 000 хектари засеани со пченица. Засега годината е добра, науката вели дека имаме добри површини и очекуваме солиден род на лебно жито. Како министерство интензивно работиме во поглед на цената, на потребите за стоковите резерви и во соодветниот период ќе излеземе со конкретни информации. Во постојана комуникација сме и со здруженијата и со федерацијата за тоа што го креираме како мерка да биде прифатено од сите. Наскоро ќе се знае цената на пченицата, рече министерот за земјоделство Цветан Трипуновски при денешното доделување на договорите за здржавно земјоделско земјиште на земјоделците во Прилеп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа