Трипуновски: Преку „Македонски шуми“ ќе се врши масовен поткуп на гласачи

„Зоран Заев и Оливер Спасовски во моментот го спроведуваат најмасовниот поткуп на гласачи. Параван за поткупот е тендерот за сеча и транспорт на дрвни сортименти. Од буџетот на овој начин се испумпуваат над 8,5 милиони евра. СДСМ поткупот го врши преку ЈП ‘Македонски шуми’, кое распишало неколку јавни набавки за сеча и транспорт на дрвни сортименти. Ова е зелена мафија и е во директна спрега со врвот на власта. Ова се документите од јавниот повик, од кои се гледа дека СДСМ планира да потроши 8,5 милиони евра за сеча и транспорт на дрвни сортименти“, изјави Цветан Трипуновски, дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според него, едниот јавен повик е за превоз, истовар, растовар на дрвни сортименти, во вредност од 146.470.137 денари, од кој реализирани се 9 милиони денари. И другиот јавен повик е за сеча со дотур на дрвни сортименти во висина од 382.842.527 денари, од кој реализирани се 125 милиони денари. Односно, имаме веќе над 2 милиона и 200 илјади евра народни пари потрошени во време на криза за работа што, доколку Владата сакаше, можеше да ја изврши и самата институција ЈП „Македонски шуми“ ако навреме беше набавена дополнителна механизација, проект што го почна ВМРО-ДПМНЕ, а не го доврши СДСМ.

„Милионите ќе се слеат кај неколку фирми, кои се објавени на страницата на Бирото за јавни набавки. Ова е класичен криминал и изборен поткуп и се прави во период кога Заев интензивно бара брзи избори. СДСМ не најде дека е потребно да обезбеди потребна механизација за непречено функционирање на ‘Македонски шуми’ за сега пред избори да го користи претпријатието за изборен поткуп. Власта, наместо да се насочи кон заштита на здравјето на граѓаните и санирање на штетите од кризата, се фрли на купување гласови. Дополнително, во тек е уште една постапка преку која треба да се испумпа остатокот од парите. И сето ова СДСМ го прави додека во државата имаме трицифрена бројка на заразени и по неколку мртви секој ден.

Македонија не може да продолжи понатаму со криминал, корупција и мафијашки начин на работа. Потребна е стратегија за обнова на државата. ВМРО-ДПМНЕ има план за обнова на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е поинаква од СДСМ. Со СДСМ добивме хибриден режим, сиромаштија, криминал и корупција“, додаде тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.06.2020 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега