Украдени новонасадени садници во Велес
Украдени се новонасадени садници на улицата „Димитар Влахов“ во Велес каде се уредува нова зелена површина и искршени се садници во Младинскиот парк, информираат од ЈКП Дервен“.
Тие реагираат дека и покрај нивните напори да се разубави градот со обновување на урбаната опрема, цветните жардињери и дрвјата на јавните зелени површини, несовесни граѓани ги уништуваат поставените клупи, летниковци и корпите за отпадоци, а свежо засадените цвеќиња и дрвја ги снемува преку ноќ.
–Ова е појава со која се соочуваме со години наназад. Вандализмот на јавните зелени површини и градските паркови веќе станува редовна пракса, како и крадењето на новонасадените дрвца и цвеќе,револтирано реагираат од ЈКП „Дервен“.
Воедно, посочуваат дека за вработените од ЈКП „Дервен“ уништување на младите дрвца и цветни насади или нивно крадење од несовесни граѓани за нив значи неколкукратно повторување на активностите, а на претпријатието и градот им нанесува големи финансиски загуби.
–Факт е дека материјалите со кои ЈКП „Дервен” и Општина Велес располагаат не се бесконечни и службите не се во можност до недоглед да ги пополнуваат со цвеќе местата од каде тоа редовно се краде и да го обновуваат секојдневно сето тоа што некој го уништил.Затоа доколку сакаме да живееме во убаво уреден град мора да покажеме поголемо внимание кон зеленилото и урбаната опрема и да ги чуваме наместо да ги уништуваме, потенцираат од ЈКП„Дервен“.
Тие апелираат до граѓаните да покажат повеќе свест и грижа за зеленилото и урбаната опрема, со што ќе придонесат градот во кој живеат да биде поубав.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа