Вековна традиција – носење јајца и облека и преноќување во храмовите во охридско-струшкиот регион

 

Православните верници во охридско-струшкиот регион до ден денес ја применуваат традицијата, стара повеќе од два века – на Велики четврток носат вапсани јајца и облека во храмовите, каде што преноќуваат, односно остануваат на сите литургии до Велика сабота, кога повторно си ги земаат дома. Се верува дека помагаат за здравје, спасение и исцелување.

Според верувањето овие предмети се осветени и лушпите од јајцата ги фрлаат во езерските или речните води или пак ги закопуваат во чиста почва.

Отец Димче, свештеник во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Охрид, ни раскажа за вековната традиција кај охриѓани. Ваквиот обичај, посочи, се темели на верувањето дека сè што ќе допреме до крстот, каде што бил распнат Исус Христос е осветено. Оттаму излегува посебна енергија.

-Постои верување дека сè што ќе се допреме до Христа или се наше што ќе се допре до Христа веруваме дека е осветено, има моќ. И дарот што го оставаме под крстот Христов или во олтарот, но и сè што ќе се допре до иконостасот, иконата во олтарот веруваме дека се е осветено и преку тоа Христово осветување ги лекуваме нашите болести, слабости и немоќ, истакнува отец Димче.

Затоа, вели тој, под крстот оставаме облека и потоа ја носиме.

– Веруваме дека излегла сила од Христос, и се исцелуваме од страстите и болестите. Тоа му било добро познато на народот, затоа носи вапсани јајца и облека ја остава тука да стои за да се отслужи службата и да ја земе следниот ден, додава свештеникот.

Се носат вечерта на Велики четврток, бидејќи тогаш се изнесува крстот, тогаш крвта Христова прокапува на камењата, каде што е издигнат крстот.

-Носењето јајца во црквата датира од почетокот на христијанската црква и до денес. Охрид е град со црковна традиција, која датира од византискиот временски период. Повеќе од 2000 години не прекинува поклонението на Свети Наум, Свети Климент, славење на Велики четврток, Велики петок, Велика сабота Воскресението Христово, истакна отец Димче.

Спакувани во различни корпи, украсни ќеси, секоја со свој детаљ на препознатливост ја воздигнуваат и онака величествената атмосфера во црквите.

Големината на Велигден, посочи, е тоа што Христос му покажа на светот дека не само што може да го ослободи од гревот и да го исцели од духовни болести, туку може, иако е распаднат во земјата да го повика истиот човек од гробот и повторно да го оживее, да воскресне.

22.04.2022 - 12:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега