ВМРО-ДПМНЕ: Груби и Владата ја фрлаат државата во вештачка криза

Груби и Владата ја фрлаат државата во вештачка криза со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање, реагираат преку соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту спор кој има безбедносен карактер. Обидот на Груби и на власта да градат на таа теза преговори е поразително за државата. Македонија е земја членка на НАТО, и со тоа сите безбедносни прашања се затворени. Во рамки на границите на државата има министерство за внатрешни работи кое ја чува безбедноста. Власта да не наоѓа изговори за нови отстапки и понижувања“, стои во писмениот допис од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија додаваат дека македонските позиции кои ги гарантира Декларацијата која што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ се јасни, и истата појаснуваат е поддржана од сите партии во парламентот и ништо надвор од неа не смее да биде сторено.

„Очекуваме Бугарија во духот на европските вредности и добрососедските политики да не ја попречува Македонија кон ЕУ. Напредокот на државата го заслужуваат граѓаните“, прецизираат од партијата на Мицкоски.

МАКФАКС

29.11.2021 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега