ВМРО-ДПМНЕ: Пропадна лажната стратешка инвестиција на ДУИ и СДС со фабриката за електрични автомобили
Уште еден од розевите меури од сапуница на власта пукна. Официјално вчера се обелодени дека од помпезната најава за фабрика за електрични автомобили во Тетово нема да има ништо, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поточно не е баш ништо. Ќе остане една дупка среде ливада во ТИРЗ Тетово со 4 арматурни шипки, во која со сите церемонии и на фанфари лопати фрлаа Ковачевски и пола влада на ДУИ и СДС во август 2022 година, непосредно пред повторените локални избори во Тетово.
И како што бива со се кога е во прашање власта на ДУИ и СДС и овој „грандиозен проект“ стана потемкино село. Се организираше скапа прослава, која веројатно е платена со народни пари, се изеде, се испи, се изнасликаа и на крај си заминаа по дома.
Да потсетиме што кажуваа во таа прилика владините функционери.
· Артан Груби објави дека домашната интернационална компанија „Еколог“ (читај фирма блиска до ДУИ) ќе произведува електрични возила со Next e.Go Mobile во Тетово, а инвестицијата ќе биде 720 милиони евра.
· „Денес ќе се постават темелите на инвестиција која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и којашто ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“, рече премиерот Димитар Ковачевски на 13 август годинава.
· „Градбата на самиот објект треба да започне во следните 6 до 8 недели. Тоа значи дека многу брзо, на почетокот на есента, ќе го видиме почетокот на градежните работи“, рече директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски по завршувањето на церемонијата.
· „Со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово каде за прв пат ќе почнат да се произведуваат електрични возила во Северна Македонија, започнува нова ера во делот на странските инвестиции. Е-Го е многу сериозна компанија, со седиште во Германија, нема да помине повеќе од еден месец и ќе почне да се гради“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
· „Големите инвестиции имаат ефект на снежна топка. Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции“, ќе рече министерот за финансии, Фатмир Бесими.
После скоро две години нити почната изградба на фабриката, ни С од стратешка инвестиција, ни 130, ни 720 милиони евра инвестиција, нити 890 добро платени работни места, ниту 4.000 индиректни работни места, ниту 30.000 произведени електрични автомобили годишно, ни ефект на снежна топка, ни бутур. Се што ветија Ковачевски, Деспотовски, Бектеши, Бесими, Груби, СДС и ДУИ, се излажаа. Купуваа време и лажеа, не овој петок, нареден понеделник ќе почне со градба, де тесна била парцелата, де широка била маркицата и на крај се пропадна.
Но најстрашно е дали и каде заврши најавената државна помош за оваа голема лага. Имено владата одлучи оваа „инвестиција“ да ја поддржи со 35% од вкупната вредност, односно со 42,5 милиони евра народни пари. Медиумите во април месец 2023 објавија дека инвеститорот Некст.Е.Го Мобиле добил одобрување на државна помош од 42.585.856 милиони евра согласно извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2022. Дека има нешто сомнително во оваа зделка говори и фактот што за јавноста остана непознат договорот на државата со компанијата инвеститор, бидејќи Владата не овозможуваше увид во целосната содржина на договорот, кој беше потпишан во август 2022 година.
Повикуваме надлежните институции детално да го истражат случајот со државната помош за „фабриката за електрични автомобили“ во Тетово. Доколку тоа не се направи сега, после изборите и промената на власта ќе се спроведе целосна ревизија на овој таканаречен проект и ќе се провери дали и каде завршил секој денар од народните пари“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа