Возобновен Клубот на одговорни бизниси

 

Под покровителство на претседателот Стево Пендаровски  е возобновен Клубот на одговорни бизниси на Здружението „Конект“, во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“. Целта е обединување на бизнисите заеднички да практикуваат општествена одговорност во соработка со граѓанските организации. 

-Корпоративната одговорност е специфика на секоја сериозна компанија. Во развиените земји во светот традицијата на корпоративна одговорност и филантропија е длабоко втемелена во основните постулати на  делувањето на бизнис заедницата и од неа има корист целото општество. За жал, тоа што во развиените земји е долга традиција, кај нас се уште е во почетните фази од развојот и оттука, навистина е потребна сета можна поддршка на овие процеси, рече Пендаровски на настанот што се одржа синоќа по повод возобовувањето на клубот.

Според него, апсолутно се остварливи целите на проектот „Партнерства за донирање“, со кои се предвидува да се зголеми нивото и опфатот на донирањето од страна на корпорациите и поединците во земјата, и во исто време, да се намали зависноста од странските донатори, заедно со намерата да се поттикнат хуманите поединци, а бизнисите да наменат барем два процента од  годишниот обрт за развојот на заедницата. За остварување на која било цел, посочи, е потребна верба, посветеност и меѓусебна соработка, а, здружени можеме да направиме разлика.

Шефот на држава очекува во клубот да се приклучат и други економски субјекти и на суштински начин да придонесат за просперитетот и напредокот на државата.

-И досега сме имале повеќе успешни поединечни примери на учество во различни проекти, на бизнис заедницата, во партнерство со граѓанските организации и лидерите во локалните средини, со кои се придонесува за подобар квалитет на животот на граѓаните. Сепак, од суштинска важност е во стратешки и стручни програми да ги здружиме силите на сите општествено одговорни компании со вистинските партнери во граѓанскиот сектор, институциите и поединците-истомисленици, затоа што таквиот модел е далеку поефикасен. Токму во тоа и ја гледам додадената вредност на Клубот на одговорни бизниси, кому му посакувам успех во работата и реализација  на зацртаните цели, за општото добро на сите нас, рече Пендаровски.

16.09.2023 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега