Вучиќ: Борците против насилството се покажаа како вистински насилници

 

Српскиот претседател, Александар Вучиќ вели дека сцените се драматични пред Градското собрание но ги повика граѓаните да не се грижат.

„Ниту една револуција не е во тек, ништо нема да успее. И ќе се обидеме да не повредиме никого со нежна и смирена реакција“ рече претседателот.

Тој  нагласи дека на улиците се собрале околу 2.490 луѓе.

„Во овој момент заедно со оние кои сакаат да влезат во Градското собрание има вкупно околу 1.900 луѓе. Некои вечерва го покажаа своето лице и дека насилството им е единствениот начин да се борат. Со денови кажуваме дека се подготвуваат за ова, бидејќи знаат дека не можат да ја добијат довербата на народот“, посочи Вучиќ.

Тој додава дека биле предупредени и странските набљудувачи кои се правеле наивни.

„Им благодарам на оние странски служби кои ставија до знаење дека знаат што се подготвува, и дадоа информации до нашите служби, за да знаат што точно подготвуваат насилниците. Оние кои се колнат дека ќе се борат против насилството покажаа дека се вистински насилници. Сакаат да ни ги уништат градовите и државата“, истакна Вучиќ.

Тој вели дека добил илјадници повици од цела Србија од луѓе кои сакаат да ја бранат државата и побарал од нив да не го прават тоа.

„Државата е доволно силна и моќна, и ќе ја брани демократијата и изборната волја на граѓаните. И тоа е се што треба да знаете. Бунтовниците и насилниците ќе бидат приведени, а потоа ќе реагираат надлежните државни органи“ рече претседателот на Србија.

Тој вели дека многумина во регионот се радуваат и ја слават „револуцијата“ во Белград.

„Тоа е производ на многу посериозни геополитички околности, во кои се обидуваат да ја урнат автономијата и независноста на Србија. Ќе ја зачуваме слободата на Србија, бидејќи тоа е највисоката вредност. Ние ќе ја браниме нашата Србија, само ве молам да го задржите мирот. Бидете мирни, земјата е безбедна и нема да дозволиме да ја уништат државата. Да живее Србија, да живее слободата!“, рече Вучиќ.

Претходно група демонстранти и претставници на листата „Србија против насилството“ го разбија стаклото на влезната врата на градското собрание, а полицијата ги растера со солзавец.

Во Србија со денови „Србија против насилството“ протестира, тврдејќи дека Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

24.12.2023 - 20:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега