Захарова: Исламската држава не можеше да изврши масакр, се знае кој е
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека Исламската држава има капацитет да изврши напад врз концертна сала во Москва минатиот петок, во кој загинаа најмалку 140 луѓе. На брифинг со новинарите, Захарова рече дека Украина стои зад нападот во Crocus City Hall, најсмртоносниот во Русија во последните 20 години.
Исламска држава ја презеде одговорноста за масакрот, а американските власти велат дека имаат разузнавачки информации кои укажуваат дека тој бил извршен од авганистанскиот огранок на групата, Исламската држава Хорасан. Украина повеќе пати негираше дека има некаква врска со нападот. Но, Захарова рече дека Западот побрзал да ја обвини Исламска држава со цел да ја префрли вината од Украина и западните влади кои ја поддржуваат.
„За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон Исламската држава. Извлекоа кец од ракавот и буквално неколку часа по терористичкиот напад, англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии“, рече таа.
Претседателот Владимир Путин рече дека нападот го извршиле исламистички милитанти, но посочи дека тоа е во корист на Украина и дека Киев можеби имал улога во нападот. Путин рече дека некој од украинската страна подготвил „прозорец“ за вооружените напаѓачи да избегаат преку границата пред да бидат фатени во западна Русија во петокот вечерта.
Сепак, вчера белорускиот лидер Александар Лукашенко изјави дека вооружените напаѓачи прво се обиделе да преминат во неговата земја, по што се упатиле кон Украина бидејќи сфатиле дека не можат да преминат во Белорусија.
Шефот на руската разузнавачка служба ФСБ во вторникот изјави дека верува оти Украина, заедно со САД и Велика Британија, биле вмешани во нападот во Москва.
„Тврдењата на Русија за Западот и Украина за нападот во Crocus City Hall се целосна глупост“, напиша британскиот министер за надворешни работи на „Икс“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа