Зелен хуман град со апел до претседателката: Не ги потпишувајте контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање

 


Не ги потпишувајте контроверзните измени на Законот за урбанистичко планирање со кои се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување на фотоволтаични централи и ветерници, се вели во отвореното писмо на граѓанската иницијатива Зелен хуман град до престедателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.

„Ве повикуваме да покажете дека навистина сте претседателка на сите граѓани и да постапите во корист на граѓаните – уништувањето на плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увоз на храна. Од првиот ден кога сме доставиле јавни барања до институциите за инвестиции во обновлива (соларна) енергија сме нагласувале дека фотоволтаичните (ФВ) системи мора најнапред да се поставуваат на сите расположливи кровни површини и тоа со приоритет на јавни институции кои се греат на загадувачки енергенси. Понатаму, со измени во законските и подзаконските акти да се тргне ограничувањето на инсталирана моќност за да може секое домаќинство, секоја заедница на станари, секој деловен објект да си постави ФВ системи на покривот на објектите за домување/деловни намени, а вишокот произведена енергија да може да го враќа назад во мрежата по фер цена и на тој начин да го намали сопствениот финансиски товар предизвикан од астрономските цени на електричната енергија“, посочуваат од Зелен хуман град.

Како што велат, поентата со инвестициите во соларната енергија е да се има најмал негативен ефект врз животната средина, а со тоа и врз човечките животи, но поентата е и граѓаните на Македонија да се ослободат од енергетската сиромаштија и од енергетските монополи.

„Со потпишување на указот за овие законски измени вие ќе го овозможите токму спротивното – односно продолжување на должничкото ропство на многу наши сограѓани, едноставна замена на еден монопол со друг! Спорните законски измени претставуваат злоупотреба на обновливата енергија како изговор за уништување на наш драгоцен ресурс. Уште позагрижувачки е фактот што нарачаните штетни измени на Законот за урбанистичко планирање веќе по вторпат за овој пратенички состав преоѓаат во шаблонско однесување и нѐ враќаат во минатото кога јавноста речиси не можеше да ги следи пречестите измени на законите поврзани со урбанизмот. Законот за градење во своето минато 11-годишно владеење оваа власт го менуваше дури 29 пати! Не може измени на закони кои се усвојуваат по скратени постапки зад затворени врати да бидат во корист на граѓаните“, се вели во апелот на активистите на граѓанската иницијатива Зелен хуман град.

17.02.2025 - 14:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега