Зеленски: Би сакале да се сретнеме со Кина

 

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека не видел никаков кинески мировен план, но дека ќе ја поздрави средбата меѓу Украина и Кина, пренесува Ројтерс.

„Би сакале да се сретнеме со Кина“, рече тој за време на прес-конференцијата во Киев што ја одржа со шпанскиот премиер Педро Санчез, во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина.

Да потсетиме, шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба објави дека неговиот кинески колега Ванг Ји ги споделил со него „клучните елементи од кинескиот мировен план“ за време на состанокот во Германија претходно оваа недела.

„Очекуваме дека ќе го споделат целиот текст на мировниот предлог со нас, бидејќи тоа не е нешто за што можете да донесувате заклучоци по разговорите“, рече Кулеба. Обраќајќи им се на новинарите синоќа во Њујорк на Генералното собрание на ОН, Кулеба рече дека Украина е „отворена за дискусии на оваа тема“.

„Подготвени сме да разговараме со оние кои имаат идеи кои можат да ни помогнат да ја постигнеме таа цел“, тврди Кулеба. Но, украински функционер вчера предупреди дека ниту еден мировен план не треба да ги преминува „црвените линии“ поставени од Киев.

„Тие црвени линии се принципи на Повелбата на ОН и вклучуваат почитување на територијалниот интегритет на Украина“, рече тој, а потоа додаде: „Нема преговори за ниту една украинска територија. Претседателот Зеленски тоа јасно го кажа во неколку наврати“,пренесе Индекс.хр.

23.02.2023 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега