Зошто јавната администрација штрајкува за плата од 30.000 а не сака да работи во приватно ни за 50.000 денари
Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, потоа нивните колеги од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Иако во приватниот сектор се нудат плати кои се над просечната, јавната администрација протестира за да добие плата од 30.000 денари.
Со истото барање, од минатата недела штрајкуваат вработените во Државното правобранителство.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, изјави дека со протестите почнуваат од денеска, вторник бидејќи се совпаѓа со денот кога Владата ги одржува своите седници.
Па во тој контекст, Деаноски во име на вработените кои протестрираат рече дека нивниот апел до Владата е точка на дневен ред на денешната седница да биде и изнаоѓањето начин за обезбедување средства од буџетот на државата за решавање на овој, како што кажа, долгогодишен проблем на вработените во овие министерства и институции.
Во врска со проблемот, Деаноски рече дека во изминатиот период имале средби со речиси сите ресорни министри и по пат на преговори и социјален дијалог подготвиле предлог-колективни договори кои со поддршка на министрите биле доставени до Министерството за финансии.
Тука, како што кажа првиот човек на УПОЗ, од неразбирливи причини настанал и проблемот.
„Иако овие предлог-колективни договори беа доставени до Министерството за финансии пред носење на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување на колективни договори“,
рече Деаноски во изјава за новинарите.
Во однос на платите, тој посочи дека нивната висина за вработените во институциите кои од денеска протестираат почнува од 25 010 денари. Просечната плата во овие институции, според Деаноски е околу 29 000, а просечната плата во државата е 42 124 денари.
Додатокот од 30 проценти што го бараат, рече лидерот на УПОЗ, значи дека вработените во овие институции и со добиените 6 000 денари, колку што изнесува додатокот, повторно ќе бидат под просечната плата во државата.
Она што останува нејасно е зошто вработените во администрацијата протестираат за да добијат плата од 30.000 денари кога во приватниот сектор има недостаток на работна сила и се нудат плати кои што достигнуваат и над 50.000 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа