АА и Алтернатива поднесоа над 300 амандмани на Предлогот за измени на собранискиот Деловник

 Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива денеска на прес-конференција оценија дека за функционирање на Собранието онлајн нема ниту технички, ниту демократски услови. Тие информираа дека на предлогот на претседателот на Собранието за дополнување на Деловникот за работа, што денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, поднеле над 300 амандмани.

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива изјави дека нивната забелешка е на носењето на Деловникот и посочи дека и претходно се изјасниле дека не се за онлајн функционирање на Собранието. Тој потенцираше дека од целата опозиција за Деловникот се поднесени над 2000 амандмани.

– Досега единствено во времето на Груевски се случило Деловникот еднострано да биде сменет, а како што гледам и оваа власт сака да го врати груевизмот. Но, тоа ние нема да го дозволиме, ќе се вклучиме активно со амандмани за да оневозможиме еднострано да биде изменет Деловникот. Имаме поднесено преку 300 амандмани и верувам дека ќе има доволно време сите да се образложат за да се освести власта дека еднострано не може да функционира Собранието, рече Реџепи.

Нашата цел, посочи тој, е да оневозможиме овој Деловник еднострано да помине, од причина што, како што рече, Собранието е сервис на граѓаните, а не сервис на власта. – Собранието треба да функционира во интерес на граѓаните. Ако власта еднострано носи одлука за промена на Деловникот, тоа значи дека сака да ги урива демократските вредности во Собрането, рече Реџепи.

– Минатата недела од 62 пратеници, колку што вкупни има мнозинството, присутни беа 48, а само тројца биле изолирани. Нивната неодговорност кон Собранието сакаат да ја прикријат со онлајн работење. Дали сте го прочитале Деловникот? Таму не пишува дека заради пандемијата или Ковид-19, туку секој што чувствува дека може да ги загрози пратениците, треба да го извести претседателот на Собранието и со тоа добива дозвола да се вклучува онлајн. Ова значи дека за обичен грип може да земеш документ од матичен лекар и со тоа нема да доаѓаш. Во такви услови претседателите на ДУИ и ДПА секогаш ќе бидат болни од грип, изјави тој.

Халил Снопче, пратеник на Алијанса за Албанците, истакна дека смета оти Деловникот треба да се донесе со консензус, иако постои законска можност тој да биде донесе со 61 глас.

– Деловникот се носи со консензус. Знаеме дека во тек е Процесот Жан Моне за Деловникот на работа и ако ние го пркршиме тоа правило, значи дека може да се случуваат преседани. И во една догледна иднина истото сценарио може да се случи повторно од наша страна ако бидеме дел од власта. Тоа нема логика. Категорични сме во ставот дека Деловникот се носи со онсензус. рече Снопче.

Арбен Зибери, пратеник на ДУИ смета дека алтернативното решение што се предлага од страна на претседателот на Собранието е многу добро и оти опозицијата е таа што ја опструира работата на Собранието. Тој вели дека онлајн вклучувањето ќе важи само за пратениците коишто не ќе бидат физички и психички во можност да работат.

– Сме во период кадешто реално имаме многу луѓе заразени со Ковид-19, имаме и неколку пратеници коишто беа во изолација, а никој не може да гарантира дека некој друг нема да се зарази. Ние не сме ислучок во светот, па само ние предлагаме или сакаме да функционираме на таков начин. Низ цел свет сите парламенти функционираат онлајн и таму точно се прецизираат кои пратеници можат да работат од дома. Само за пратениците кои ќе имаат решение од Државниот санитарен инспекторат. Не држат обвинувањата на опозицијата дека ние не сакаме да работиме. Факт е дека цело време ја опструираат работата на Собранието затоа што фалат пратениците коишто беа во излоција. Ние не правиме опструкција на работата на Собранието, тие тоа го прават и не може ние да бидеме заложници на волјата на опозицијата затоа што во овој период се носат многу важни законски решенија, кои се битни за луѓето, за граѓаните. Мора да најдеме начин за да бидеме функционални и да бидеме во функцијата на потребите на народот, рече Зибери. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.11.2020 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега