Америка под мраз: Најмалку 83 луѓе ги загубија животите, метеоролозите предупредуваат на акртички студ


За време на минатонеделниот леден бран, кој зафати големи делови од САД и се уште трае, животот го загубија најмалку 83 лица, јавува CBS News.

Одделот за здравство на Тенеси потврди 19 смртни случаи поврзани со студ, додека официјални лица од Орегон потврдија 16 смртни случаи, вклучително и три лица кои починаа кога дрво падна врз нивниот автомобил, додека едно бебе, кое исто така беше во возилото, преживеа.

Поголем број смртни случаи се пријавени од исток кон запад на САД во сојузните држави Илиноис, Пенсилванија, Мисисипи, Вашингтон, Кентаки, Висконсин, Њујорк, Њу Џерси и други.

Некои случаи се уште се истражуваат за да се потврди дека се поврзани со студеното време, вклучително и оние кои загинаа во сообраќајни несреќи.

Одредени држави издадоа предупредување до возачите да бидат особено внимателни поради мразот на патиштата, а државните власти на Мисисипи им порачаа на своите сограѓани „да внимаваат на замрзнатите патишта и да возат само доколку е потребно“.

Низ САД продолжува студеното време, а десетици милиони луѓе се соочуваат со екстремно ниски температури.

Источниот брег на САД најверојатно ќе доживее некои од најстудените денови оваа зима, вклучувајќи ја и државата Флорида, во јужна централна Америка, која има поблага и потопла клима.

На западниот брег на САД, во Орегон, сè уште е во сила вонредната состојба откако ледената бура остави повеќе од 45.000 луѓе без струја, а жителите на Калифорнија, Ново Мексико и Индијана, како и Пенсилванија на источниот брег се исто така без струја.

Метеоролозите најавија дека снегот и леденото време ќе се задржат до почетокот на следната недела, наведувајќи дека арктичкиот воздух ќе се комбинира со влагата од Мексиканскиот залив и ќе создаде ледено време од Оклахома до Илиноис.

21.01.2024 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега