Аларм во БиХ: Се шири болест пренослива преку вода, храна или почва
Инфективната клиника при Клиничкиот центар во Сараево во последните денови лекувала десет пациенти со симптоми што укажуваат на лептоспироза, пренесува „Кликс.ба“ од неофицијални извори.
Првите случаи се регистрирани во сараевската општина Нови Град, каде што граѓаните почнале да се јавуваат кај лекарите со висока температура, силен замор и покачени воспалителни и хепатални параметри. Неофицијално, болеста се проширила во овој дел од градот преку водата.
За да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата, во моментот се спроведува пролетна дератизација во општините Нови Град, Центар и Илиџа. Во исто време, интензивирани се контролите врз управителите на згради, пазарите и јавните површини.
Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодачи. Инфекцијата се јавува кога бактериите влегуваат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).
Симптомите вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање, а во тешки случаи може да се појави оштетување на црниот дроб и бубрезите и воспаление на мозокот (менингитис). Нелекуваната лептоспироза може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Експертите советуваат да се избегнува контакт со потенцијално контаминирани површини, да се користи заштитна опрема во области со висок ризик и редовна контрола на штетници и хигиена.
Здравствените институции ги повикуваат граѓаните да обрнат внимание на можните симптоми и веднаш да се обратат на лекар доколку се сомневаат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа