Арсовска бара ФК Вардар да се врати во сопственост на Градот Скопје
Фудбалскиот клуб Вардар е гордост на Градот Скопје и на сите скопјани, токму поради оваа причина е потребно конкретно решение за спас на ФК Вардар, рече градоначалничката Данела Арсовска.
Според неа, денешниот амандман за пренамена на средства од буџетот на Град Скопје за ФК Вардар е само еден очаен обид за популизам од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што рече таа, очигледно не биле заинтересирани за конкретно решение на проблемите во клубот.
„ Овие средства, ниту ќе ги решат проблемите на клубот, ниту ќе стават крај на истите, а дополнително е проблематично што во амандманот не е прецизирана намената за средствата и постои сериозна опасност парите на скопјани да завршат во џебот на оние кои го доведоа клубот во ваква очајна финансиска состојба.
Град Скопје има конкретен план, план со кој ФК Вардар ќе се врати дома, односно ќе се врати во сопственост на Градот Скопје и повторно ќе ги доживее оние славни времиња во кои клубот имаше најголеми успеси и носеше огромна радост за сите скопјани. Откако ФК Вардар ќе се врати во сопственост на градот каде што припаѓа во клбуот мора да се спроведе сериозна и темелна истрага за причината поради која македонската фудбалска гордост се најде во ваква катастрофална финансиска состојба“, рече Арсовска.
Градоначалничката апелираше до МВР, Финансиската полиција и сите надлежни институции да истражат каде завршувала финансиската помош од градот во изминатите години и за кои намени управата и сопствеништвото ги трошело парите на скопјани.
„Во спортот нема место за политика, ниту за популизам бидејќи спортот е водилка за младите кои се иднината на Република Македонија. Вардар мора да се врати на заслуженото место во фудбалскиот свет и да носи успеси на кои ќе се гордееме сите“, порача Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа