Арсовска најави отпочнување на изградба на мега парк во Ѓорче Петров - проектот тежи 68,5 милиони денари

 

Градот Скопје денеска ја почна реализацијата на капиталниот проект за изведба на мега парк во општината Ѓорче Петров – нова зелена површина во градот што ќе се простира на повеќе од 30.000 квадратни метри. Почетокот на активностите за изведба на овој нов парк го означија градоначалничката Данела Арсовска, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов.

– Дел од приоритетните капитални проекти за скопјани согласно со програмата се пет нови мега паркови во Скопје. Затоа, денеска, во општината Ѓорче Петров го означуваме започнувањето на изградбата на првиот мега парк кој го реализираме во Скопје. Како човек кој се изборил со рак, како некој кој изгубил најблиски од оваа подмолна болест, сметам дека не постојат поважни и поприоритетни цели од тоа на секој можен начин да придонесеме Скопје да е град во кој обезбедуваме значително подобар квалитет на живот. Во Скопје отпочнуваме нешто што досега не било направено, 5 нови мега паркови кои долгорочно ќе придонесат за заштита и подобрување на состојбите со животната средина – рече Арсовска.

На место кое беше депонија од огромни размери во над 50.000 квадратни метри, екипите на Градот Скопје успеаја целосно да ја исчистат за создавање на новата паркова површина. Работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба, а паркот е предвидено да има три дела на вкупна површина од над 30.000 квадратни метри.

Јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ веќе ја изведуваат првата фаза од овој нов мега парк, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување согласно со проектот за парковската површина. Во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за останатите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации.

Предвидено е подигање на зелени површини, поставување систем за наводнување, засадување на над 2.200 дрвја од десетина различни видови, како и дополнителни цветни садници соодветни за оплеменување и зазеленување на парковската површина.

Во завршната фаза предвидено е поставување на урбаната опрема и целосно уредување на просторот со фонтани, клупи, придружни елементи, садови за отпадоци, паркинг за велосипеди, како и соодветно осветлување.

Мега паркот во секој од трите дела има внатрешни пешачки патеки и дополнителни пристапни патеки. Предвидена е изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите.

– Во Скопје, со оглед на состојбите со загадувањето кои се особено алармантни во зимските месеци, потребни се нови зелени површини, затоа силно се залагам да се реализираат програмските приоритети. Овој мега парк со своите содржини претставува нов простор во градот за рекреација, и квалитетно минување на слободното време и истиот ќе придонесе за подобрување на состојбите во поглед на животната средина, како бенефит за сите жители во ова населено место и воопшто за сите посетители. Вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари – објасни градоначалничката Арсовска.

19.08.2022 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега