Трајков на конференција во Дубровник: Македонија и предизвиците на патот кон ЕУ
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков ќе учествува на 9-та Меѓународна научна конференција за прашања и предизвици од областа на ЕУ и компаративното право „Силна и безбедна Европа: Правни и Економски аспекти“ која во наредните два дена ќе се одржи во Дубровник.
На конференцијата, заменик-министерката Трајков, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе има свое обраќање на тема „Македонија на патот кон членството во ЕУ-предизвици и перспективи“.
Деветтата Меѓународна научна конференција за прашања и предизвици од областа на ЕУ и компаративното право е во организација на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмајер“ во Осијек.
Меѓународната научна конференција „Прашања и предизвици на ЕУ и компаративното право (ECLIC)“ ги разгледува правните и економските аспекти на членството во ЕУ преку мултидисциплинарен пристап, особено во однос на актуелните прашања за институционалната поставеност на ЕУ, законодавната рамка и влијанието на правото на ЕУ врз различните правни области на земјите-членки, како и економските предизвици со кои се соочуваат Унијата и земјите-членки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа