Австрија на нозе за Данка: „Полицијата ќе им влезе во трага на Романките“

Српската новинарка од Виена Вера Марјановиќ откри дека целата јавност во Австрија е запознаена со случајот со исчезнатата 2-годишна Данка Илиќ од Бор, по која се трага веќе 7 дена, објави српскиот Новости.

Видео направено од Србин од Виена на кое се гледа девојче кое наликува на исчезнатата Данка Илиќ довело до соработка на српската и на австриската полиција. По девојката е распишана жолта потерница од Интерпол, а српската и виенската јавност се многу вознемирени.

– Човекот, кој во саботата ја снимил снимката и ја испратил во полиција, бил сослушан истата вечер, а веќе околу 3.30 часот утрината во целиот случај се вклучила и австриската полиција. Видеото се споделува насекаде, на социјалните мрежи и приватно. Амбасадата вчера упати апел до сите граѓани и здруженија низ Австрија да се јават во српската или во австриската полиција, како и на телефонските линии на амбасадата, доколку ги забележат споменатите две жени и девојчето кое многу личи на Данка – вели новинарката Вера Марјановиќ.

Таа посочува и дека медиумите во оваа земја пишуваат дека детето од видеото било многу вознемирено и врескало кога Романките му кажале нешто.

Марјановиќ вели дека медиумите го обвинуваат човекот кој го снимил видеото само затоа што веднаш не ја алармирал полицијата.

Австријците ја споделуваат фотографијата од Данка

– Виена е покриена со безбедносни камери, па веруваме дека полицијата ќе им влезе во трага на двете жени – вели новинарката.

Вера наведува дека на социјалните мрежи се споделуваат информации за исчезнувањето на малата Данка и на српски и на германски јазик.

– На социјалните мрежи забележав дека објавите на наши граѓани ги споделуваат и Австријци, кои, кога се во прашање децата, многу се солидарни. Целата австриска јавност е целосно упатена и вклучена во целиот случај – вели Вера Марјановиќ.

Кои се жените на снимката?

На видеото, на кое се гледа девојчето за кое се сомневаат дека е исчезнатата Данка Илиќ, се гледаат и две жени кои го придружувале. Австриската полиција покрена истрага, па освен по девојчето, трага и по жените од снимката за кои постои сомневање дека се романски државјанки.

Вујкото на Данка се двоуми за видеото

Семејството на исчезнатата Данка ја виело снимката, па иако гледа сличности меѓу двајцата, не може сигурно да потврди ништо.

– Видеото е многу матно, па не можам со сигурност да кажам дека е Данка. Се чека официјална потврда. Според одот и според косата на девојчето, ми се чини дека можеби е таа, но ништо не е сигурно. Од каде знаат дека овие жени се од Романија, кој го снимил тоа видео? Многу работи не се вклопуваат. Но, ние повеќе од сѐ на светот сакаме таа да се врати дома – изјави за Блиц вујкото на Данка Стефан Драгомировиќ.

Дедото по татко на девојчето рекол дека не верува дека тоа е Данка додека не си ја види внуката со свои очи.

– Секако, сето ова ми дава надеж дека Данка е жива – изјави дедото.

 

01.04.2024 - 12:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега