Билјана Лепавцова: Кога нема нови странски инвестиции

Според последните податоци од НБРМ, во текот на третиот квартал од 2021 година, регистрирани се минимални вкупно 15,5милиони евра нето директни инвестиции во земјата. Во периодот јануари-септември 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 208,5 милиони евра, и со тоа е на последно место во регионот според ниво на странски директни инвестиции, полошо и од Косово.

Од лидер во регионот во привлекување на странски инвестициипреку ефикасни политики и многу труд и ентузијазам, Македонија остана на последно место, неатрактивна и заобиколена од глобалните текови на движење на странскиот капитал.

Затоа, ќе ги разнишам параваните зад кои, со гола пропаганда се прават обиди да се сокријат и оправдааткатастрофално ниското ниво на странски директни инвестиции и лошата економска состојба во државата.

Кога нема нови странски инвестиции, рекламираат зголемување на извоз.

Искрено се радувам на секој пораст на националните параметри во економски контекст (освен зголемување на инфлација, дефицит и задолженост) и зголемениот извоз го сметам за успех на државата.

Зголемувањето на извозот од технолошко индустриските развојни зони е логична последица на реализацијата на сите фази од инвестицискиот циклус на секоја од компаниите кои започнаа да инвестираат уште пред неколку години. Значи дека секоја од компаниите завршила со изградбата на производните капацитети во зоните (што обично трае 2-3 години), потоа вработила кадар кој поминал соодветна обука за специфични процеси во производството, набавила и инсталирала опрема, успешно завршила тестирање на производството, и дури потоа започнала да извезува, најчесто сукцесивно, постепено воведувајќи нови производни линии и зголемувајќи го обемот на производство и извозот.

Затоа е логично извозот од зоните да расте, и тоа се повеќе во секој нареден квартал, паралелно со реализацијата на инвестициите на секоја компанија во зоните.

Сепак, многу е ризичнорастот на извозот да се гледа само како бројка или тренд, без анализа на причините: дали се работи за извезени поголеми количини од одредени компании (како резултат на подобро работење, или поради тоа што завршиле со градба и влегле во фаза на сериско производство, вовеле нови линии, зголемиле број на вработени итн.), или пак се работи за зголемување на номиналната вредност на извозот како последица на зголемување на цените на суровините или влезните компоненти. Колку се зголемил увозот на сметка на зголемениот извоз?

Поради општото поскапувањето на цените на суровините и услугите на глобалниот пазар, голема е веројатноста овој пораст на извозот да се должи токму на тие причини.

Кога нема нови странски инвестиции, велат виновна била пандемијата.

Катастрофално ниското ниво на странски директни инвестиции во Македонија повеќе не може да се затскрива зад параванот на ковид пандемијата, зашто во текот на истата таа пандемија земјите од регионот и наши соседи ги зголемија странските директни инвестиции, а Македонија и оваа како и минатата 2020 година останува на дното на табелата.

Како последица на Ковид 19 пандемијата во светот се случуваат големи промени и релоцирање на синџирите на добавувачи со тенденција за регионализација или доближување на добавувачите до големите производствени капацитети. За нас се особено важни европските и светски производители кои во периодот од почетокот на пандемијата интензивно бараат и разгледуваат локации надвор од Кина и Азија заради нивно доближување до европските производни центри. Нашите држава за жал не покажа никаква активност во овој правец. Инвестициите не одминаа и  во овој период не успеавме како држава да привлечеме ниту една нова странска инвестиција. За разлика од нас, соседните држави секојдневно го зголемуваат приливот на нови странски инвестиции, па така големите мултинационални компании како јужнокорејската Nidec, германските Brose, Bosch, ZF, Леони и други заминаа во Србија; во Бугарија во период на пандемија има пораст од 50% на нето странските инвестиции и таму веќе донесоа одлуки за инвестирање германските Festo, Vola Plast, VEM Europe, Schpiener и други.

Кога нема нови странски инвестиции, велат нарушени биле синџирите на добавувачи.

Деновиве беа објавени резултатите од истражувањето на Индустриските и стопанските комори ДИХК, според кое повеќе од половина од германските компании кои работат во странство имаат сериозни проблеми во нивните синџири на снабдување или логистика, принудувајќи ги да ги диверзифицираат добавувачите, да ги скратат или променат патиштата за испорака или да го преселат сопственото производство.

Како нова можна локација ја посочуваат Источна Европа, притоа истакнувајќи ги Украина и Србија како особено атрактивни.

Има ли нашата влада стратегија и способност за привлекување на овие потенцијални инвеститори? Прави ли нешто во изминативе две години од пандемијата, да стигне до овие компании? Има ли адути на своја страна кои би не издвоиле од конкуренцијата?

За жал, гледаме пад на сите релевантни светски ранкинг листи во однос на поволноста на инвестициската клима и водењето бизнис, и никаков реформски курс, што во пракса значи дека разговорот завршил уште пред да започне.

Во изминатите 5 години се склучени многу мал број нови договори за закуп на парцели во технолошко индустриските развојни зони, има низок процент на реализација на договорите за инвестирање и голем број раскинати договори.

Затоа слободните зони, сепак останаа празни.

Билјана Лепавцова, економист

 

18.12.2021 - 11:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа