Божиновска и Бислимоски на Енергетски самит во Атина

 

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, ќе учествуваат на деветтиот Балкански Енергетски Самит што денеска и утре се одржува во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерската Божиновска ќе биде дел од министерскиот панел, со кој и официјално ќе се отвори дводневниот настан и заедно со нејзините колеги од регионот ќе дискутираат за стратешката енергетска соработка на Балканот.

Во фокусот на панел-дискусијата ќе бидат регионалната енергетска безбедност, хибридните енергетски решенија, создавањето на заеднички одговор на глобалните предизвици, соработка во напорите за модернизација на мрежата за поддршка на интеграцијата на обновливи извори на енергија низ целиот регион, усогласување на националните енергетски политики со стандардите на ЕУ, особено за емисиите и целите за обновливи извори, како и за потребата од сигурно, ефикасно, стабилно и економски атрактивно снабдување со енергија.

Претседателот Бислимоски, попладнево ќе го презентира планот и чекорите кои земјава ги презема за да ја оствари енергетската транзиција од јаглен кон хидроген и природен гас-процес што С. Македонија го води како дел од својата долгорочна енергетска политика и што земјата им нуди на потенцијалните нови инвеститори.

На деветтиот Балканскиот Енергетски Самит, учествуваат над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки актери од енергетската индустрија, присутни се претставници од осум земји. 

29.04.2025 - 07:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега