Брнабиќ со порака до опозицијата: ако немаат ништо посилно од шок бомби и солзавец да не се појавуваат

 


По вчерашните бурни настани, Собранието на Србија денеска од 10 часот ја продолжува седницата. Пратениците ја завршија принципиелната расправа за повеќе од 30 точки од дневниот ред, од 62 предложени, за збир закони од областа на образованието, даночниот систем, како и за меѓународни договори, закони за економија и кредитни аранжмани на државата.

Вчерашната седница беше прв собир на пратеници од ноември минатата година, а во центарот на вниманието се усвојувањето на измените на Законот за високо образование со цел исполнување на четвртото студентско барање, како и оставката на премиерот Милош Вучевиќ.

Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ и порача на опозицијата дека ако немаат ништо посилно од шок бомби и солзавец и противпожарни апарати, да не се појавуваат, бидејќи тоа денеска нема да ги исплаши.

Медиумите потсетуваат дека наместо дискусија, првиот работен ден годинава го одбележаа многубројни инциденти. По поставувањето на дневниот ред, пратениците од опозицијата поставија димни бомби во собраниската сала, при што беа повредени три пратенички.

Освен димни бомби, со јајца фрлале и по пратеници и членови на Владата, а во еден момент го вклучиле и противпожарниот апарат.

Пратениците на опозицијата во текот на целиот ден со свирежи и вувузели, не учествуваа во расправата која пратениците на мнозинството ја продолжија и покрај сите инциденти.

Ана Брнабиќ изјави дека вчера пратениците од владејачкото мнозинство покажале до каде се подготвени да одат и да се борат за Собранието, институциите, за секој граѓанин на Србија.

„Пратениците на мнозинството денеска покажаа како се чува достоинството на Собранието, а опозицијата покажа дека сака да го погази не само достоинството на парламентот, туку и на Србија. Да се ​​повлечевме по шок бомбите, ќе значеше дека секој див, силеџија, терорист и кукавица можеше да ја блокира работата“, рече Брнабиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа, говорејќи за нередите што ги предизвика опозицијата во Собранието, изјави дека тоа е „силеџиство, хулиганско однесување“ и дека за тоа бара кривично-правна одговорност.

05.03.2025 - 09:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега