Цветаноски: 780.000 евра за два тендери, перење пари за промоција на Мицкоски
„Владата склучила договор со бугарска фирма за фотографирање, снимање видеа и спроведување кампањи. Не за граѓаните, туку за промоција на Мицкоски и неговите „успеси“. И тоа – не било каде, туку преку бугарска компанија“, рече денеска на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Додека во Македонија граѓаните едвај преживуваат, не можат да наполнат цела кошничка во маркет, Владата ќе фрла астрономски суми, 1.500 денари за една фотографија и над 15.000 денари за едно видео. Вкупно 380 илјади евра! Претходно Владата склучи договор вреден 400.000 евра за анкети за мерење на рејтигнот на Мицкоски. Анкети, спотови, слики – 780.000 евра народни пари за да се продава лажната слика“, вели Цветаноски.
Таа обвини дека „додека семејствата на загинатите во Кочани немаат никаква поддршка од владата, додека болниците немаат никакви услови, кочанската болница е во хаос, Владата предводена од Мицкоски троши милиони од државниот буџет за да си го „билда“ рејтингот“.
„Пари за реални проблеми нема. Пари за болници нема. Пари за семејства од Кочани – нема. Но затоа има пари за „спотче“, сликичка и комуникациски кампањи за Мицкоски! 780 илјади евра за маркетинг на владата само со две јавни набавки! Ова е класичен грабеж и перење на народни пари и ништо друго“, истакна Цветаноски на прес-конференцијата.
Од СДСМ ги повикаа Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да отворат постапки за овој случај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа