Денес е Духовденска задушница: Спомeн за починатите
Во спомен на починатите, православните верници денеска ја одбележуваат Задушница во пресрет на големиот празник кој доаѓа во недела - Духовден.
Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите. Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа