Денеска во собранието почнува седницата за избор на новата влада

Собранието денеска во 11 часот треба да ја почне седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По поднесувањето на предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа на 18 јуни, Мицкоски изјави дека очекува расправата за избор на владата да заврши во недела до полноќ, a од понеделник веќе да почнат со работа. Предложените членови на владата, како што изјави, се мотивирани веднаш да постигнат резултати, да го вложат масимално нивниот капацитет, бидејќи граѓаните имаат големи очекувања. Најави дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и ќе нема толеранција за никого, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Посочи и дека младите ќе бидат во фокусот на работењето на новата влада.

Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена.

Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот, а владата е избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието потоа го известува претседателот на Републиката за изборот на Владата.

22.06.2024 - 10:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега