Димитриевска-Кочоска по големиот интерес за угарските пари: Јас би застанала тука

 


Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска за дополнителни средства за компаниите заинтересирани за кредити ќе зборува откога ќе се искористат сегашните 250 милиони евра обезбедени од унгарскиот кредит. Премиерот Христијан Мицкоски вчера извести дека компаниите веќе покажале интерес за вкупно 380 милиони, па добил инспирација да бара дополнителни евтини пари оти, како што рече, бизнисот е гладен.

„Добивме информација од сите банки дека побарувачката е многу поголема од она што го нудиме. Јас би застанала тука. Да ги искористиме средствата, а понатаму ќе видиме во втора фаза за одобрување дополнителни средства и можности за изнаоѓање од каде ќе ги изнајдеме дополнителните средства доколку се договориме за таква втора фаза“, рече министерката Димитриевска-Кочоска.

Таа смета дека сега целиот фокус треба да е на предвидените 250 милиони евра, но драго ѝ е што има интерес за многу повеќе оти додека преговарале, од коморите добила забелешки дека компаниите нема да покажат доволен интерес за кредити.

Домашните компании со проекти може да аплицираат во комерцијалните банки за кредит со каматна стапка од 1,95 процент и рок на отплата до 15 години, максималниот износ за кој може да аплицираат е 10 милиони евра.

06.03.2025 - 13:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега