Добри вести: Девет пациенти од странство се враќаат дома
Девет пациенти повредени во трагедијата во Кочани кои се лекуваат во странство денеска се враќаат дома. Министерот Арбен Таравари на прес-конференција рече дека остануваат уште 91 пациент кои се лекуваат ширум Европа.
-Три од Унгарија, двајца од Италија, еден од Грција, Атина, еден од Белград, којшто е веќе на пат и еден од Шведска. Значи, вкупно девет се враќаат. Остануваат 91 пациент. Едната пациентка којашто е во Бугарија веќе е сместена во хотел и само амбулантски оди на прегледи, рече Таравари.
Вели дека добри се информациите кои Министерството за здравство ги добива за критичните случаи кои се во странство.
-Иако се сѐ уште во тешка состојба, меѓутоа, во подобрена состојба во однос на вчерашниот ден. Така што, оптимисти дека и тие ќе почнат да се подобруваат, барем такви ни се информациите. Иако повторно, да не се урочиме, да бидеме внимателни, да не има некои други компликации. Засега ова се информациите, рече Таравари.
За утре најавено е враќање на двајца пациенти, еден од Литванија и еден од Шведска. Сепак министерот вели дека во меѓувреме можеби ќе има и други пациенти за кои би можело да биде договорен транспорт назад кон Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа