Џен Зи бара поголема флексибилност и работа од дома: Дали бизнисот ги исполнува барањата?
- Генерацијата Z (младите родени од 1996 - 2012 година) сака поголема флексибилност во однос на работното време и обврските, а и поинаку го разбира светот. Таа ќе ја креира иднината и поради тоа државите треба да се прилагодат на нејзините потреби, беше речено на денешниот форум што го организира СТАР иницијативата.
Оваа категорија млади луѓе има тенденција на брзо менување на работните места што, според експерите, не е ништо ново во западните земји и порано се случувало во просек на секои пет години, за разлика од Македонија каде апсолутно никогаш не било случај. Сега, фреквенцијата на менување на работните места е дури и забрзана, веројатно поради експериментирање и потрага по нешто поразлично и подобро.
Светот е денес отворен и младите имаат многу можности. Тоа, оценија учесниците на форумот, мора да го сфатиме. Треба да вложуваме во развој на технологија, порачаа, и индустријализацијата да биде на многу повисоко ниво.
-Денес технологијата и вештачката интелигенција се и тоа како во подем поради што, глобално, ќе дојде до преструктирање на сите работни места. Македонија ќе биде исто така зафатена со овој тренд. Младите сакаат да се прилагодат на новото време, а ние сме тие што треба да им излеземе во пресрет преку креирање соодветни мерки прилагодени за нив, изјави Ивона Крстевска, регионален ексерт во СТАР иницијативата.
Според Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), генерацијата Z е иднината на работната сила.
-Ние како експерти за човечки ресурси овие млади луѓе ќе треба да ги регрутираме и во иднина да ги оспособиме и да ги ставиме на вистинските позиции во организациите. Ваквите настани се добри за надминување на табуата, но и на одредени јазови во однос на очекувањата на различните генерации. Само преку слушање на едни со други би можеле да разбереме што е она што генерацијата Z го очекува во следните години на работните места и како ние треба да ги трансформираме нашите организации за да можеме да ги постигнеме нивните очекувања, истакна Ѓоко Вукановски од МАЧР.
Тој смета дека честото менување на работните места што е типично за генерацијата Z, е сосема нормално.
-Тоа креира компетитивност во работата, кој ќе подобри подобра работна околина или подобра плата за да ги задржи младите или на подолг рок или за да ги преземе од други компании. Светот е денес отворен и младите имаат многу можности, ние порано чекавме визи за да излеземе од државата. Сега има и евтини авионски карти, по 15 евра, па ништо не е пречка да си заминете кога ќе ви текне. Сменети се можностите и ние мора да го сфатиме тој момент, подвлече Вукановски.
На форумот насловен „Предизвици или можности: Генерацијата З на пазарот на трудот?“ се дискутира на прашањата: како ќе изгледаат работата и кариерите за генерацијата Z во иднина, кои вештини ќе бидат најважни, каква улога можат да имаат владите, образовните системи, граѓанското општество и приватниот сектор во поддршката на оваа генерација, како и како можеме да создадеме работни средини кои поттикнуваат иновации, раст и задоволство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа