Прекината седницата на Советот на Општина Кочани по дофрлања и лични навреди меѓу советниците
Без завршница денеска остана 65. седница на Советот на Општина Кочани, откако најпрвин беше побарана пауза, а потоа поради инцидент меѓу советниците, претседателот Лазо Митев информираше дека го прекинува понатамошното разгледување на точките од дневниот ред.
По вжештените дискусии околу повторниот предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, се слушнаа дофрлања и меѓусебни навреди што беше и причина за инцидентот.
На почетокот на седницата беа прифатени предлозите во дневниот ред да се вметнат уште две точки што се однесуваат на ослободување од плаќање надоместок за гробните места во алејата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, како и иницијатива за имплементација на обука за самозаштита во образовните институции во општината.
Двата предлога како точки на дневниот ред добија едногласна поддршка од сите советници, а поради отсуство на претставници од ЈП Национални шуми, се одложи разгледувањето на информацијата за состојбата со боровиот четник кај зимзелените шуми на територијата на општина Кочани.
По предлог на в.д. градоначалникот Венко Крстевски, на оваа седница повторно се најде на разгледување договорот за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Струмица, за што тој даде кратко образложение. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ оценија дека предлогот може да почека за да нема селективност при инспекцискиот надзор на субјектите, а при обраќањето на советникот Аки Акиов дојде до вербални навреди и прекин.
Продолжението на 65. седница ќе треба да се договора на повторна координација, со оглед што дневниот ред е обемен и има точки кои чекаат на усвојување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа