СДСМ: Советникот од Кочани што предизвика инцидент не е наш член

 


Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осудува насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.

„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани. Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент“, велат од СДСМ.

Партијата целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент и потенцира дека не станува збор за нивен член туку коалициски партнер.

„Факт е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано провоцираат за време на седниците на Советот на општина Кочани. Сценариото на неколку седници наназад вклучуваше навреди на етничка, верска и лична основа, погрдни зборови упатени не само кон поединци, туку и кон целата ромска заедница. Советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен во навредите и погрдните зборови и тоа го знаат сите советници“, велат од СДСМ.

Иако провокациите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа очигледни, додаваат од партијата, недозволиво е каков било чин на насилство.

„Насилството не смее да има и мора да биде санкционирано. Очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани. На Кочани, на семејствата, на повредените, на починатите, никому ова не му е потребно освен на ВМРО-ДПМНЕ. На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта“, велат од СДСМ.

19.06.2025 - 16:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега