ДЗС одбележува 80 години постоење - 2025 година на македонската статистика

 

Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска со свечена академија ќе одбележи 80 години од основањето на институцијата, а во рамки на јубилејот утре ќе организира и Статистичка конференција „25 години родови податоци“.

-Јубилеите осум децении постоење и 25 години собирање родово разделени податоци се можност да се потсетиме за клучната улога на официјалната статистика во демократските општества и за нејзиниот придонес за креирање јавни политики засновани на веродостојни податоци. Свеченоста се одржува во меѓународен формат, што претставува признание за важната улога на македонската официјална статистика на национално и на меѓународно ниво. Јубилеите „80 години Државен завод за статистика“ и „25 години собирање родово разделени податоци“ ги прославуваме во партнерство со Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, соопшти ДЗС. 

Воведни обраќања денеска ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ДЗС, Дејан Станков, Штефен Худолин, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, и Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации, по што ќе се одржат две панел-дискусии на кои ќе учествуваат директори и заменици директори на европски статистички заводи, истакнати експерти од земјава и од странство, како и претставници од академската заедница и граѓанското општество.

Како што најави ДЗС, на конференцијата утре ќе се обрати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

-Осум децении официјалната статистика е сведок на општествените промени, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид како држава да изградиме подобро утре. Од рачно собрани податоци, до дигитални платформи, од статистички годишник во хартиена форма до отворени бази на податоци достапни за сите граѓани, изјави директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков во интервју за МИА по повод јубилејот. 

Како што рече, 2025 е прогласена за година на македонската статистика и во текот на оваа година се организраат повеќе настани, активности и работилници со цел да се зголеми свесноста за важноста на официјалните статистички податоци и нивната употреба во носењето на одлуки и стратегии. 

02.06.2025 - 08:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега