ЕУ донесе одлука: Принудните бракови, осакатувањето на женските гениталии и онлајн демнењето отсега стануваат кривични дела
Европската Унија ја усвои директивата за спечување на насилството врз жените како и семејното насилство, со што осакатување на женските гениталии, принудните брак, споделувањето интимни фотографии без согласност и онлајн демнењето, вознемирувањето и поттикнувањето на омраза или насилство ќе станат кривични дела.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овој прв посебен закон за оваа проблематика на ниво на ЕУ утврдува минимални правила во врска со дефинирањето на конкретни кривични дела и казни за справување со овие форми на насилство, а, исто така, ги регулира и правата на жртвите и предвидува нивна заштита.
Покрај воведувањето заеднички правила на ниво на ЕУ за дефинирање на кривичните дела поврзани со семејното и насилството врз жените и казните за нив, директивата предвидува и „отежнувачки околности“, како што се повторување на делото, вршење насилство врз ранлива личност или дете или употреба на екстремен степен на насилство.
Со новиот закон на жртвите на овие форми на насилство им се овозможува полесен пристап до правдата и се обврзуваат земјите членки да обезбедат соодветно ниво на специјализирана заштита и поддршка.
Кога жртви на вакви форми на насилство се малолетници, се предвидува пружање помош од професионалци обучени да работат со деца. Доколку извршител на чинот на насилство е родител или старател, пред да го информираат за пријавувањето, властите ќе треба да преземат мерки за заштита на детето-жртва.
За да се заштити приватноста на жртвите и да се спречи нивна повторна виктимизација, законот предвидува доказите поврзани со сексуалното однесување на жртвата во минатото да може да бидат презентирани во кривичната постапка само ако тоа е релевантно и неопходно.
Директивата, исто така, на жртвите на насилството им гарантира право да бараат целосна компензација од сторителите.
Со договор, специјализираните центри за помош се обврзани да им бидат достапни на жртвите за совет и поддршка, да им дадат информации за пристап до правно советување и да им обезбедат помош за наоѓање засолниште и медицинска нега. Во тој контекст, секоја земја членка е обврзана да воведе бесплатна телефонска линија за помош на национално ниво, која ќе им биде достапна на жртвите на насилство 24 часа во текот на денот.
Дополнително, земјите на ЕУ мора да покренат кампањи за подигање на свеста за спречување на семејното и насилството врз жените, како и за разбивање на штетните родови стереотипи и за промовирање на родовата еднаквост и меѓусебно почитување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа