(ФОТО) Дизајнерката Маја Кикириткова Трајковски со уникатна колекција „Партизанка“ го одбележува своето 15-годишно творештво
Дизајнерката Маја Кикириткова Трајковски годинава одбележува 15 години постоење од нејзиното творештво. По овој повод Кикириткова Трајковски дизајнираше нова колекција на облека насловена „Партизанка“, со која реши да испрати моќна порака до јавноста.
Фотосесијата ја реализираше со уште две познати инфлуенсерки, Александра Шијакоска и Миа Костова. Модната дизајнерка откри дека сите три биле жртви на сајбер булинг.
„Приказната е оваа, борба против говор на омраза, борба против сајбер булинг. И не случајно сме трите овде, не случајно токму ние сакаме да ја пренесеме пораката. Пораката може да ја пренесе тој што ја доживеал, а сите три сме биле жртви на сајбер булинг. До кога ќе бидеме неми и глуви на темава?! До кога сѐ ќе криеме длабоко во нас, не оставајќи простор јавно да говориме?! До кога оваа тема ќе биде табу тема?! До кога ќе нѐ интересира што ќе каже другиот?! До кога ова нема да биде казниво со закон?! Можам вака до бесконечност со прашањата “ДО КОГА?!” И ДА, да покренеме заедничка петиција, сите заеднички да се бориме ова да биде казниво со закон“, порача Кикириткова Трајковски со новата колекција насловена „Партизанка“.
„Колекцијата која не случајно е насловена „Партизанка“, бидејќи инспирација е партизанката како жена која се борела за поинакви права. Жена која не била потчинета, жена која облекува панталони и оди во борба. Јака жена, хероина, која знае да крене глас и со пушка во раце да оди во борба. Со оваа кампања, сакаме да пренесеме една многу битна порака! Годинава е 15 години постоење од моето творештво, па јубилејот го одбележувам со прогрес и промени за кои не треба да се бориме само ние три, за кои треба да се бориме сите заедно“, додаде модната дизајнерка.
Маја Кикириткова Трајковски е 36-годишна вљубеничка во модата со потекло од Штип, но сега живее во Скопје. Таа е сопруга и мајка на две дечиња. По професија е моден дизајнер, основач на брендот „Елеазар“, а од неодамна и „Совршен пар“, персонализирани меки кукли-животни, облечени во исто дизајнерско парче облека како и детето, а исто така и професор на ААБ Универзитетот во Приштина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа