Фрлале отпад, па го палеле - инспекторите ги фатија на дело
Инспекторите за животна средина на Град Скопје пред еден час затекнаа и евидентираа во тек на исфрлање големи количини отпад, правење дива депонија и нејзино палење на територијата на општина Карпош кон Визбегово.
Град Скопје за извршено кривично дело од страна на лицeто З.М жител на општина Бутел, согласно членот 218 на Кривичниот законик, ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години.
На територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат. Но, се досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители.
Град Скопје годинава поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад како случајот во општина Бутел каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани. Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите.
13.10.2024 - 22:31
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа