Ѓорѓиевски најавува решавање на сообраќајниот хаос во Скопје со кружни текови и подземни улици
Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, гостувајќи во емисија на Радио Лидер, истакнувајќи ги намерите за кандидатура за прв човек на градот Скопје, посочи дека е уверен во убедлива победа на претстојните локални избори и истакнувајќи некои од можните решенија за решавање на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.
-Посебен аспект ќе биде ставен на сообраќајниот метеж на централното градско подрачје кој е постојан во било кое време од денот, со години наназад. Според информациите со кои располагам, 90 проценти од подземната сообраќајница под ЛИМАК се завршени, затоа со силен интензитет ќе се работи на кружните текови во Центар кај зградата на НЛБ Банка и Нова Македонија, како и од другата страна, во близина на границата меѓу Центар и Општина Кисела Вода. Силна динамика ќе биде воведена на процесот на експропријација на неколку позиции со цел довршување на булеварот Борис Трајковски, од Пинтија до Драчево, експропријација во населбата Ќерамидница, со цел поврзување на Аеродром и Гази Баба преку новиот мост кој што ќе биде ставен во функција. Исто така ќе биде воведена силна динамика за интензивирање на градежните активности и конечно реализирање на кружниот тек и новото сообраќајно решение кое ги поврзува булеварот Никола Карев, Јадранска магистрала и Качанички пат, во близина на Момин Поток-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека секоја дадена доверба од страна на скопјани мора да биде соодветно оправдана и затоа во иднина сите чекори коишто ќе бидaт преземени ќе бидат во насока на унапредување на инфраструктурата во интерес на сите скопјани. Додаде дека главниот град мора да добие повеќе кружни текови секаде каде што се предвидени со планската документација, како и пробивање на нови улици. А особен акцент ќе биде ставен на идејата за подземна сообраќајница од Владата до пред Народна Банка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа