Измерени 61 сантиметри снег во Македонија - снежна идила во повеќе градови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови. Слаб снег провејува низ Западна Македонија, а во остантите делови од државата врнежите се од дожд.
Авто мото сојузот на Македонија утринава информира дека задолжително користење на зимска опрема (ланци) е потребна на патниот правец Тетово-Попова Шапка, а забрана за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Ѓавато и Маврово.
Од 07:50 часот е укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот превој Пресека.
Од Управата за хидрометеролошки работи информираат дека врнежите од дожд и снег ќе продолжат и во текот на денешниот ден. Во западните и јужните делови ќе бидат пообилни каде ќе наврнат над 30 l/m2. На планините и на повисоките места, претежно во западните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, слично време со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, а во повисоките делови од котлината од дожд и снег. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Најмногу снег има наврнато во Маврови Анови (61 сантиметар), а снег има и во Крушево, Попова Шапка, Дебар, Претор, Берово и Битола. Најмногу дожд во последните 24 часа има наврнато во Демир Капија (127 литри на метар квадратен).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа