Јаневска и Ле Риголер ја зајакнуваат соработка за модернизација на образованието
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска имала работна средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, на која разговарале за актуелните политики на Министерството насочени кон подигнување на квалитетот на образованието.
Како што известува МОН, на средбата било нагласено дека продолжува континуираната поддршка од Франција на нашето приближување кон европските образовни стандарди и дека „двете влади ја продлабочуваат и досега одличната соработка“.
-Министерката Јаневска рече дека во тек е создавање законска рамка за промена на лошите резултати на ПИСА и другите меѓународни тестирања, како и постигнување академски квалитет што ќе се одрази на пласманот на Шангајската листа. Информираше за процесот на оптимизација на училишната мрежа, за воведувањето едносменска настава и подолг престој на учениците во училиште, како и за изработката на нови наставни програми и учебници во основното и во средното образование, информира
Министерството за образование и наука.
Соговорниците посочиле дека заеднички интерес е унапредувањето на квалитетот на билингвалната настава во франкофонски двојазични паралелки во средните училишта во државава, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа